
Положбата на Ромите во сите сфери на дејствување е подобрена, смета претседателот на Демократските сили на Ромите, Шабан Салиу. Салиу беше гостин во нашата емисија Зум анализа, каде истакна дека ситуацијата за разлика од порано е подбрена, бидејќи Ромите се сѐ пообразовани, сѐ повеќе застапени во здравството и останатите сфери. Иако сѐ уште се соочуваат со проблеми во однос на вработувањето и домувањето, проблемите не се толку големи како порано.
„Она што накратко јас би го кажа е дека не е таква состојбата каква што била порано. Значи, дури тешко можеше во одредена општина да се најде Ром со завршено високо образование. Јас бев меѓу првите коишто завршија Правен факултет на УКИМ и имаше пет – шест дипломирани во одредени сфери. Сега е поинаку. Можеби има 300 – 400 студенти, можеби има 200 – 300 завршени, имаме и доста магистри. Сега е поинаку, веќе се елиминира она што било присутно, дека Ромите немаат образовен кадар и дека не можеме на високи позиции да ги вработиме. Напротив, има доста добар ромски кадар опремен со знаење“, вели Салиу.
Салиу смета дека Пописот 2021 ги масакрира Ромите. Последниот попис и претходно не беше признаен од нив, па во Штип рекоа дека сами ќе се пребројуваат.
„Нажалост морам да го изразам моето разочарување од тој попис, ромите се масакрирани и бројките не ја покажуваат апсолутната вистина“, додава Салиу.
Како што додава Салиу, Пописот е катастрофален. Тој не се согласува и со претпоследниот попис каде Ромите биле над 50.000. Заклучува дека се направени голем број прекршоци, а пописот е политички попис. Внатрешно направеното попишување покажувало дека има над 110.000 Роми.
Ребека Спасова М-Нет