„Ослободувањето на Никола Груевски во предметот „Талир 2” и одбивањето на конфискацијата на Белата палата е далеку од чист правен исход. Тоа е логистички успешно завршена операција, чиј краен резултат беше познат уште пред да биде прочитан диспозитивот“, реагираат од партијата Левица за пресудата за „Талир 2“.
„Државниот јавен обвинител Ненад Савески, во еден од своите први потези на функцијата, ги повлече овластувањата на обвинителката која години наназад работеше на предметите „Талир”. Тој потег никогаш не наиде на разумен аргумент, бидејќи го немаше, туку му беше надлежност на Савески – причина за неговиот избор на актуелната позиција. Тоа беше отстранување на единствената пречка помеѓу ДПМНЕ и имотот за кој Мицкоски бесрамно плачеше пред јавноста. Предметот „Талир 2” беше префрлен во моментот кога тоа најмногу му требаше на обвинетиот, а најмалку на правдата – со само неколку месеци пред настапување на застареност, оставајќи го Апелациониот суд без реална можност мериторно да одлучи по евентуална жалба. Сега, конфискација по правосилна ослободителна пресуда е правно невозможна.
Планот беше со јасна цел – Белата палата, а не Груевски. Затворот на Груевски одамна беше второстепено прашање за ДПМНЕ бидејќи кривичното гонење и онака ќе застареше (благодарение на СДСМ). Она што навистина беше во игра е зградата во центарот на Скопје, изградена со пари од тендери, чие незаконско потекло веќе еднаш беше утврдено пред истиот суд. Таа зграда требаше да стане имот на граѓаните. Наместо тоа, со едно повлекување на овластувањата и една добро темпирана пресуда, таа остана во раце на ДПМНЕ.
Мицкоски со месеци јавно, бесрамно, негодуваше дека и покрај уживање на власта, партискиот имот сè уште му е замрзнат – зборувајќи за незаконски стекнат имот како да е негово наследство заглавено во неажурна административна процедура. Сега тоа негодување исчезна. Не затоа што се разреши некое недоразбирање, туку затоа што некој конечно му ја заврши работата – прецизно, тивко, во рамките на правниот јазик, но со резултат толку удобен за ДПМНЕ што секаков обид тоа да се нарече правосудна независност звучи како лоша шега пред сопствените граѓани.
Довербата во судството во оваа земја дишеше на апарати. Овој предмет ѝ го исклучи апаратот, јавно, пред цела јавност, со потпис, тајминг и молк онаму каде што требаше да има борба за процентот на доверба конечно да порасне. Но, стасавме до степен каде веќе дури не се ни трудат да ја одглумат независноста и отсуството на влијанија, бидејќи им е сосема гајле дали некој сè уште верува во неа“, се наведува во соопштението на Левица.
Текстот „Савески ја одмрзна Белата палата и му ја врати насмевката на Мицкоски со судство кое ги изгуби и оние 2% доверба“, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.