„Рударите“ од Саса ја „оддуваа“ прилепска Победа и најавија нова „жетва“ на бодови

„Рударите“ од Саса ја „од дуваа“ прилепска Победа и најавија нова „жетва“ на бодови. Фудбалерите на Каменица Саса предводени од шефот на стручниот штаб Горан Здравков ја прославија првата победа и ги прокнижија првите 3 бода. Успехот е дотолку поголем што пред играчите од Македонска Каменица падна лидерот на табелата Победа од Прилеп која оваа сезона ја започна мошне силовито, но ете налета на расположените „рудари“. Ако се има предвид дека тимот на Каменица Саса последна стартуваше со подготовките, одигра мал број на контролни натпревари , но со упорната работа полека ги составуваат коцките на успешниот мозаик. Видна е воиграноста на играчите, нивната дисциплина во играта и во совршеното извршување на поставените тактички задачи на стручниот штаб. Победа цело време играше повлечено и го бранеше сопствениот гол, беше надиграна во целост за да на крајот сепак решавачки беше голот на Филип Крстевски за први, но големи три бода. Оваа игра и овие први освоени бодови се иницијална каписла за понатамошни успешни настапи, фудбалско фајтерство и надигрување со секој иден противник. Веќе во сабота на 19 септември ќе се одиграат натпреварите од 4 првенствено коло во кое тимот на Каменица Саса ќе има нов тест за докажување против новиот второлигаш Росоман на негов терен кој пак изненадувачки во првите три кола нанижа 4 бодови. Како и да е мразот со првата победа е скршен и во наредниот период се очекува вистинскиот атак на играчите на Каменица Саса и нова „жетва“ на освоени бодови.

Герасимов Драги – Пушка Mnet.mk