
Ракометарите на РК Младост 1977 на импресивен начин ги завршија подготвителните натпревари пред стартот на вториот дел од сезоната, остварувајќи две победи од исто толку натпревари против силни суперлигашки противници.
Екипата од Богданци најпрво славеше на гостувањето кај ГРК Тиквеш со 36:33 (20:17), а потоа на домашен терен беше подобра и од РК Еурофарм Пелистер 2 со 33:30 (17:14). Во двата натпревари, Младост 1977 прикажа доминантна и дисциплинирана игра, потврдувајќи дека со право важи за еден од најсериозните кандидати за пласман во Супер лигата.
Овие две победи се надоврзуваат на совршениот прв дел од сезоната, кој Младост 1977 го заврши со максимален учинок од 12 победи на 12 натпревари, без загубен бод. Стручниот штаб има на располагање уште две недели до почетокот на првенството, период кој ќе биде искористен за дополнително темпирање на формата и корекција на забележаните недостатоци.
Во меѓувреме, клубот се раздели со Антонио Николоски, кој кариерата ќе ја продолжи во интернационална средина, додека како ново засилување во редовите на Младост 1977 пристигна Марио Миланов. Дополнително, во првиот тим се приклучија и четворица млади ракометари од кадетскиот погон, продолжувајќи ја стратегијата за развој и афирмација на сопствени таленти.
Вториот дел од сезоната за Младост 1977 започнува на 14 февруари, со натпревар на домашен терен против РК Партизан Гевгелија, дуел кој ќе биде првиот сериозен тест во борбата за пласман во Супер лигата.