
Трета лига – Север доби два нови членови за следната натпреварувачка сезона 2024/2025, откако Ржаничино и Пчиња станаа нови третолигаши, а пак поразените екипи на Студеничани и Њу Старс ќе одат на поправен испит и во нов и последен обид да обезбедат место во Трета лига – Север за следната сезона.
Ржаничино вчера на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари дојде со триумф од 2:1 над Њу Старс во меч кој можевте да го следите на телевизија М Нет. Шампионот во ОФЛ – Гази Баба брзо го отвори резултатот откако Ангел Митев во 12. минута погоди за 1:0, а со овој резултат се замина и на полувреме.
Во вториот дел со неколку измени Њу Старс започна со иницијатива, но Кристијан Вучковски погоди за 2:0, а негатива од два гола го разбуди противникот за да се врати во резултатска игра. Сепак, тоа резултираше само со ублажување на поразот, откако најмладиот играч на натпреварот Александар Грашески во 93. минута погоди за конечните 2:1.
Пчиња преку пенал рулетот дојде до посакуваната цел односно пласман во Трета лига – Север, откако во регуларниот дел беше 1:1 против Студеничани. Музафер Ејупи уште во 2. минута погоди за 0:1, а Виктор Димков од пенал во 24. минута ги постави конечните 1:1.
Победникот се бараше преку пенал-лотаријата, а во истата подобар беше шампионот на ОФЛ Куманово односно екипата на Пчиња со 4:2.
Тоа значи дека Ржаничино и Пчиња се нови третолигаши, додека пак поразените екипите на Студеничани и Њу Старс ќе играат нов бараж натпревар во недела, а победникот од овој бараж меч ќе биде последниот патник во Трета лига – Север, а поразениот тим останува во Четвртата лига и следната сезона, или од четири екипи само три ќе обезбедат место во Трета лига – Север за следната сезона.
Александар Ванев, М-Нет