
Фудбалскиот клуб ФК Шкендија официјално потврди дека Решат Рамадани ќе продолжи да го носи црвено-црниот дрес и во следните шест месеци, по постигнатиот нов договор за позајмица со украинскиот гигант Динамо Киев.
Според договорот, играчот од средниот ред ќе биде на располагање на Шкендија во продолжението од сезоната, со право на настап и во елиминациските натпревари од европските купови, што претставува значаен адут за тетовскиот тим на меѓународната сцена.
Ова е трет последователен договор за позајмица на Рамадани меѓу двата клуба, а вкупно четврта соработка помеѓу Шкендија и Динамо Киев, вклучувајќи го и трансферот на фудбалерот во Украина во март 2023 година. Во јануари 2024 година, Рамадани се врати во матичниот клуб како позајмен играч на една година, а по успешниот настап и пласманот на Шкендија во лигашката фаза од УЕФА Конференциската лига, соработката беше продолжена до декември.