
Делчево доби реконструирана сала во Спомен домот „АСНОМ“, а денеска увид изврши и министерката Стојчевска-Костадиновска, зашто проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура. Инвестицијата е со вкупна вредност од 10,6 милиони денари од кои 9,6 се преку Министерството, а останатите обезбедеи преку Општината, а градот ваквата реконструкција ја добива по четири децении.
„Денес делчевчани имаат нова современа сала, која следната година со дополнителна поддршка од Општината ќе биде подготвена за културни настани, како и за негување и заштита на нашата богата традиција. Вложуваме во културните објекти за непречено одвивање на културните активности на Локалната самоуправа. На тој начин обезбедуваме услови за негување на традицијата, но и за привлекување на младите да ја продолжат традицијата и негување на културните обележја на Пијанечкиот крај“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Градоначалникот Трајковски истакна дека овој капитален проект е значаен за Делчево од повеќе аспекти, зашто најголем дел од настаните не се одржувале овде токму поради проблемите при организацијата. Салата била пуштена во употреба во осумдесетите години на минатиот век и сега првпат се врши реконструкција.
„Меѓутоа денес, еве, заедно со министерката на увидот видовме дека оваа слика е комплетно различна од тоа што беше претходно, односно со реализацијата на проектот имаме инсталација на ново озвучување, топлотна изолација, реконструирана е бината, четири нови простории, реконструиран е плафонот, подот во фоајето, главните скали, поставена е пристапна рампа, така што ќе можат и лицата со попречености да присуствуваат“, рече градоначалникот, Горан Трајковски.
Министерката и градоначалникот остварија средба и со претставниците од институциите и здруженијата од областа на културата во Делчево кои добиваат финансиска поддршка од Министерството и од Општина Делчево, а го проследија и дефилето на ЗГФ „Копачка”, организирано по повод јубилејот 75 години од формирањето на фолклорното друштво.
Ребека Спасова М-Нет