Расте водостојот на реките во истокот, засега без опасност од излевање

Нема опасност од излевање на поголемите реки, и покрај најавените обилни врнежи од дожд. Хидрологот Атанас Угрински вели дека водостоите ќе растат, но коритата имаат капацитет да ги примат. Сепак, при поројни дождови можно е локално зголемување на нивото на помалите реки, особено во источните и североисточните делови, како и во сливот на Брегалница. Генерално, состојбата засега останува стабилна.

,,Зголемување ќе има, но поголемите реки имаат простор да ги примаат овие врнежи и не би требало да има опасност од нивно излевање, но доколку бидат поројни, на некои места локално можно е да доведат до зголемување на водостојот на помалите реки со водолиците во источните делови од земјата. Во североисточните се очекуваат нешто поголеми количини, според прогнозите. Исто така и во сливот на реката Брегалница, меѓутоа генерално засега нема некоја поголема опасност од нивно излевање. Кај поголемите реки уште помала е таа веројатност“, вели Угрински

Угрински вели дека овие врнежи се очекувани, за овој период од годината. Особено застапени врнежни во истокот има од изутрина, кои ќе траат во текот на денот.

,,Во текот на ноќта врнежи имаше повеќе во западните, за да веќе изутрината и во текот на денот тие да бидат изразени во источниот регион. Се случувало во овој период од годината и во минатото да има вакви врнежи од дожд, но во западот беа и во вид на снег, што ќе придонесе за подобрување на хидролошката состојба во наредниот период.“, додава Угрински

Инаку, водостојот на реката Брегалница засега е стабилен и нема простор за паника. Ситуацијата будно се следи

Иван Митев, М-Нет