Расте бројот на граѓани кои навремено плаќаат данок на имот во Штип, досега наплатени 38%

Постојано расте бројот на даночни обврзници кои данокот на имот го плаќаат пред истекот на рокот. Општина Штип има побарано 54 милиони денари, а досега се наплатени 33 милиони денари. За оваа тековна година наплатени се 38% од решенијата за данок на имот. Овој податок зборува за фактот дека граѓаните навремено плаќаат данок со цел да не се соочат со опомени или присилна наплата.

„Досегашните бројки покажуваат дека општината од побаруваните 54 милиони денари досега има наплатено 33 милиони денари, а што се однесува за решенијата само од 2024 година процентот на наплата е 38%. Даночните обврзници се почесто почнуваат да ги плаќаат даноците порано во текот на годината бидејќи и општината согласно ингеренциите праќа опомени и решенија за насилна наплата на данок на имот.“ – вели Каров.

Данокот на имот согласно Закон треба да се плати до средината на месец ноември во тековната година. Може да се плаќа на неколку начини, пред истекот на рокот или на неколку рати. Каров посочува дека и оние даночни обврзници кои не ги подмириле сметки за данок и добиле опомена сега плаќаат, а резултат дава и присилната наплата.

„Согласно Закон даночното решение може да се плаќа квартално, значи да се подели сумата на четири еднакви дела и да се плати до 15.11 во тековната година за решението за таа година“ – додава Каров.

Согласно Законот, решението за висината на данокот на имот се донесува најдоцна до 31 Март во годината за која се утврдува данокот на имот. Стапките на данокот на имот се пропорционални и изнесуваат од 0,10 до 0,20% и се утврдуваат согласно видот на имот.

Лаура Стојанова М-Нет