
Уште едно коло останува за комплетирање на регуларниот дел од Суперлигата, по што ќе започне плеј-оф и плеј-аут сегментот. Веќе се познати екипи кои ќе земаат учество во плеј-офот каде ќе се разигрува за титула и Европа односно плеј-аутот каде ќе се разигрува за опстанок.
Во плеј-оф сегментот се шампионот Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Вардар, Охрид, Тиквеш и екипата на Бутел, додека пак во плеј-аутот се екипите на Пролет, Прилеп, Куманово, Борец Ф.Л., Струга и Радовиш.
Екипите се засилуваа, менуваа во своите редови, некои од нив промени и тренери, како Прилеп каде нов тренер е Страшо Илиески на местото на Божидар Мојсов.
Најслабиот тим во Суперлигата, екипата на Радовиш исто така промени тренер, на местото на Спасе Ѓоргиев и Александар Долдуров дојде Игор Котевски, а Ѓоргиев и Долдуров остануваат во стручниот штаб, но новиот тренер тргна со два порази во низа, па пред радовишани ќе биде навистина голем предизвик да се избори опстанокот.
Без тренер остана и Борец Ф.Л. од Велес откако тимот на мечот со Прилеп имаше водство и од 30:23, како и 37:30, а на крајот ремизираше играјќи 38:38, па по тој меч тимот се раздели со тренерот Владимир Глигоров и во плеј-аутот дебитантот од Велес ќе го води нов предводник.
За титулата рамноправно ќе се борат Еурофарм Пелистер кој е братенил, Алкалоид и Вардар, а пак Охрид кој ќе сака излез во Европа ќе биде пречка и предизвик на овие три екипи, па бодови во „Билјанини Извори“ тешко ќе се освојуваат.
Во трката за опстанок ќе биде повеќе од неизвесно каде Радовиш, Струга и Борец Ф.Л. ќе бидат пред најсилен предизвик да изборат директен опстанок.
Инаку, последнопласираната екипа во плеј-аутот на Суперлигата испаѓање директно во Првата лига, а пак претпоследната екипа од плеј-аутот на Суперлигата игра бараж за опстанок со вториот во плеј-аутот на Првата лига на неутрален терен.
Александар Ванев, М-Нет