Ракометните суперлигаши се активираат на трансфер пазарот, промоција на нови засилувања за следната сезона

Прилеп е решен да гради конкурентен тим за следната сезона во ракометната Супер лига, на голот го врати искусниот Благојче Трајкоски кој се враќа во својот роден град.

Трајкоски зад себе има богата кариера со настапи за Куманово, Радовиш, МАКС Струмица, Охрид, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје, а беше дел и од македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Франција во 2017 година.

Со своето огромно искуство, лидерски квалитети и безброј натпревари на домашната и меѓународната сцена, Трајкоски ќе претставува значајно засилување за тимот, велат од РК Прилеп.

Еурофарм Пелистер донесе ново засилување во своите редови, се работи за 18-годишен кадетски и младински репрезентативец на Хрватска, Диего Басанесе, кој игра на позицијата десен бек, а доаѓа од екипата на Умаг. Новото засилување потпиша четиригодишен договор со битолчани, а со кадетската репрезентација на Хрватска освои медал на Медитеранските игри.

Претходно, битолчани се засилија со 26-годишниот Едвин Џелиловиќ, среден бек од Босна и Херцеговина. Во поранешниот шампион на Македонија пристигна и Малик Татар, 20-годишен лев бек од Словенија. Еурофарм Пелистер кој во новата сезона ќе го води искусниот стратег Лино Червар се засили и со Котар, Серафимов и Белистојановски.

Андреј Георгиев е ново засилување на Еурофарм Пелистер 2, со постигнат договор на три години. Се работи за ракометар кој игра на позицијата десно крило, а кој е кадетски репрезентативец на Македонија. Овој тим се засили и со Јован Симовски, 17-годишниот потекнува од школата на битолскиот тим, а бше дел од генерацијата која играше на Ф4 турнирот во Келн. Со Еурофарм Пелистер оваа година исто така настапуваше во младинската Лига на шампиони.

Во следниот период ќе биде познат и изгледот на новиот суперлигаш Младост од Богданци, откако тимот обезбеди враќање во елитата триумфирајќи во баражот против Струга, но се очекува активирање и на останатите екипи на трансфер пазарот.

Александар Ванев, М-Нет