
Ракометната карта на Македонија е збогатена со уште еден клуб, откако се формираше ракометниот клуб Феникс од Радовиш. Клубот е формиран на 24 март, а се работи за амбизиозен проект со оглед на фактот што стојат луѓе со големо ракометно искуство како ракометните легенди Спасе Ѓоргиев и Александар Долдуров, кој веќе две сезони градат тренерска кариера, а токму они и го вратија Радовиш во Супер лигата, кога многумина на веруваа совладувајќи го Еурофарм Пелистер 2 во баражот во Автокоманда и успеаја да го спасат клубот минатата сезона од испаѓање кога ги добија клучните натпревари во финишот од сезоната.
Во РК Феникс е и Здравко Постолов капитенот на Радовиш, кој веќе неколку сезони покрај тоа што е најдобар стрелец на Радовиш, тој е меѓу најдобрите стрелци во Супер лигата. Во ракометниот клуб Феникс се и Игор Соколов и Љупче Ѓорѓиев кои важат за одлични познавачи на ракометот, со големо искуство и конекции во ракометните кругови.
Засега клубот официјално се’ уште нема прецизирано како ќе настапува и кои ќе бидат плановите, односно дали ќе се натпреварува и како ќе се натпреварува, во младинска или сениорска конкуренција.
Ракометниот клуб Радовиш кој испаѓа од Супер лига во Прва лига преку соопштение истакна дека се разделил со тренерот Ѓоргиев и капитенот Постолов, со што сега радовишани ќе треба да бараат нов тренер и капитен. Во соопштението на клубот се истакнува дека Ѓоргиев и Постолов не се повеќе дел од РК Радовиш поради, како што се вели во сооштението нивното дејствување како основачи на нов ракометен клуб во градот, реализирано на начин што РК Радовиш го оценува како неетички, нефер и спротивен на основните спортски принципи.
Во следниот период се очекуваат првите активности на новиот ракометен клуб Феникс.
Александар Ванев, М-Нет