
Ракометарките на Астибо од Штип ќе имаат тешко гостување кај фаворитот Чаир, во рамки на 8. коло на плеј-офот на женската ракометна Суперлига.
Чаир ќе атакува на шестиот триумф во плеј-оф сегментот во трката која ја води со Металург Автокоманда за второто место, додека пак Астибо кој е на дното без ниту еден бод ќе бара изненадување за прв позитивен резултат, но ќе биде навистина тешко.
Шампионот и лидер Ѓорче Петров на домашен терен како голем фаворит ќе се соочат со Вардар. „Лавиците“ кои имаат максимален ефект одат по осум од осум, а пак Вардар ќе бара втора радост во плеј-офот.
Металург Автокоманда на домашен терен ќе се соочи со тимот на Куманово, каде домашниот состав ќе мора да победи во трката со Чаир за второто место, а Куманово доаѓа по изненадување во Автокоманда.
Сите натпервари од 8. коло на плеј-офот се играат во сабота.
Во сабота ќе бидат одиграни и натпреварите од второто коло на плеј-аутот на женската Суперлига.
Ракометарките на Овче Поле ќе гостуваат кај Пелистер во Битола, каде битолчанки ќе го играат првиот меч бидејќи во првото коло беа слободни, а пак тимот од Свети Николе доаѓа по втора победа, откако во првото коло беше убедлив дома против Стружанка.
Екипата на Шампион на домашен терен против Деспина ќе бара први бодови откако во првото коло загуби од Спартак, а пак прва победа ќе бара и тимот на Деспина.
Екипата на Стружанка на домашен терен ќе има тежок меч против Спартак, каде домаќинот после големиот пораз во претходно коло сигурно ќе сака позитивен резултат, а пак Спартак ќе атакува на триумф во борбата за првото место во плеј-аутот.
Во рамки на 2. коло слободна ќе биде екипата на Ѓорче Петров 2.
Александар Ванев, М-Нет