Разлика меѓу тестовите за корона вирусот

М-Нет се консултира со лекари од оваа област со цел да се објасни разликата помеѓу тестовите за корона вирусот.

Серолошкиот тест за антитела против КОВИД 19 ни покажува дали лицата кои се тестираат веќе биле изложени на вирусот. Антителата се протеини кои леукоцитите ги произведуваат за борба против инфекција. Тие се врзуваат за вирусот, спречувајќи го преминот врз други клетки, и може да останат во крвта долго откако ќе се расчисти инфекцијата. Се испитуваат два вида на антитела од кои едниот вид ни покажува моментално присуство на антитела против вирусот, а додека другиот вид ни покажува дека лицето било изложено на вирусот во блиско минато. ИгГ (имуноглобулин Г) се антителата кои го штитат организмот од повторна реинфекција, сепак, сè уште е нејасно колку долго може да трае тој имунитет бидејќи станува збор за релативно нов вид на мутиран вирус. Тестот се изведува со земање на крв. 

Тестовите за PCR работат со откривање на специфичен генетски материјал во рамките на вирусот. Примерок се зема од плунка, секрет од респираторниот тракт или грлото. Штом примерокот пристигне во лабораторијата, истражувачите ја вадат неговата нуклеинска киселина, која го содржи геномот на вирусот. 

Серолошкиот тест со антитела е поволен затоа што може да открие антитела дури и ако пациентот се опоравил, додека тестот со PCR техника може да го открие вирусот само доколку лицето во моментот е болно. Сепак, двата теста може да пропуштаат случаи ако примероците се земени премногу рано, кога вирусното оптоварување е премногу мало или ако телото на лицето сè уште не создало антитела против вирусот. 

Ниту еден од тестовите не нуди 100% сензитивност за КОВИД 19.