
Формиран економски совет во Штип составен од претставници на Локалната самоуправа и бизнис секторот од овој град за подобрување на контакт врските меѓу нив. Состанокот се одржа вчеравечер во големата сала на Советот на Општина Штип.
„Да ги подобриме релациите, комуникациите на бизнис секторот со општинската администрација. Да ги слушнеме нивните проблеми, потреби со коишто се соочуваат, нашите можности со кои ние располагаме. Исто така, да разговараме во насока како да ја подобриме бизнис климата во нашиот град за да ги отвориме можностите да се инвестира, да се отвораат нови работни места, а со тоа и да ја подобриме економската состојба. Концептот е замислен така што овој економски совет ќе се состанува еднаш месечно се со цел – да ги комуницираме потребите со коишто тие се соочуваат, но исто така и плановите коишто ги имаме ние како Локална самоуправа. Знаете дека се наоѓаме во период кога се креира буџетот за 2022 година, па ова е добра можност да слушнеме предлози и сугестии од страна на најкомпетентните, би рекол, во нашиот град и истите тие предлози и идеи да ги искористиме за да дадеме вредност во развојот на Општина Штип“, истакна Јорданов.
За успешен развој на целокупната економија во Штип потребно е да се соработува и со работниците кои се основната алка на економскиот синџир, односно тие се двигателите. Оттука Јорданов истакна дека ваков сличен совет ќе се формира и со претставници на работниците, работничките организации и синдикатите.
„Ќе има формирање на таков совет којшто е поразличен од овој економски совет, којшто практично ја вклучува само бизнис заедницата. Во најкраток можен рок размислуваме, односно веќе сме со мисла да свикаме еден таков совет во којшто би биле вклучени сите овие чинители коишто ќе дадат вредност во нашиот град“, додаде Јорданов.
Од страна на бизнис заедницата кои сакаат да да ги развиваат бизнисите беше побарано и нови технолошко – развојни индустриски зони во близина на Штип, за што Јорданов напомена дека размислуваат и дека веќе имаат идејни планови за истото.
„Начинот на којшто ние размислуваме како да го креираме развојот на нашиот град, плановите, носењето на ГУП, носењето на ДУП, коишто практично ќе овозможат нови парцели за индустриски зони. Една од причините заради коишто сега ќе разговараме е и временската рамка во којашто ќе го направиме сето тоа. Знаете дека со години наназад се провлекува оваа потреба, но жалам што досега не е направено ниту една индустриска зона којашто ќе им овозможи на домашните компании место каде што тие ќе отворат производствени капацитети и работни места. Еве, најоптимистички да размислувам. Според регулативата во Република Македонија, според законските прописи, ГУП е веќе поднесен и јас очекувам во средината на идната година да биде веќе усвоен на совет на Општина Штип. Веднаш по донесувањето на ГУП се пристапува кон донесување на ДУП коишто исто така имаат законски нормативи и прописи за да бидат донесени. Можам да кажам дека за година дена од сега ќе имаме комплетно нови парцели за индустриски зони“, потенцираше Јорданов.
Со создавањето на овој совет и двете страни очекуваат да има подобар бизнис и отворање нови работни места, со што невработените лица би го решиле своето егзистенцијално прашање.
Лаура Стојанова М-Нет