Пуштена во употреба крстосница во населба Сењак во Штип

Пуштена во употреба крстосницата во населба Сењак во Штип, која ги поврзува улиците Срремски фронт и Борис Крајгер. Стартот денеска го означи Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој истакна дека станува збор за модерна крстосница, реализирана со средства од ресорното министерство.

„Инвестиравме во модерна крстосница затоа што старото сообраќајно решение веќе беше претесно и опасно како потенцијална црна точка за жителите на Штип. Од денеска имаме нова модерна сообраќајна крстосница изградена по сите сообраќајни и европски стандарди. Денеска го означуваме пуштањето во употреба на овој значаен проект за граѓаните на Штип со што верувам дека и преку овој проект во континуитет Централната власт и Министерството за транспорт и врски најсилно го поддржува и помага за развојот на Штип и граѓаните на Штип“, вели Бочварски.

Целосно новиот и модерен проект опфаќа проширување и отворање на крстосницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“, комплетно нов асфалт, светлосна сигнализација која значително ќе ја зголеми безбедноста на оваа прометна крстосница, дополнително проширени тротоари за безбедност на пешаците и изградба на нова автобуска постојка.

„Исто така сакам да потенцирам дека досега преку Министерството ја завршивме и реконструкцијата на улицата „Панче Караѓозов“, за која вложивме околу 10 милиони денари. Денеска сакам да најавам дека преку истиот проект, избран е изведувач за реконструкција и на улиците „Солидарност“, „5-ти Конгрес“ и „Браќа Даневи“ со инвестиција од преку 450 илјади евра за што очекуваме градежните работи да започнат наскоро, во текот на летниот период. Следниот месец очекувам и започнување на градежни активности и за поставување на ограда на коритото на река Отиња со вредност од 5,5 милиони денари за што веќе го избравме изведувачот на работите, а по изборот на надзорниот орган влегуваме и овде во работа“, додаде Бочварски.

Бочварски во оваа прилика ги повика сите градоначалници да аплицираат со проекти, како што Општина Штип аплицирала за конкретниов проект.

„Ги повикувам градоначалниците да доставуваат квалитетни проекти за да градиме и инвестираме, да овозможиме подобро утре за граѓаните и урбано живеење“, порача Бочварски.

Крстосницата во штипската населба Сењак официјално за сообраќај е пуштена од денеска, инаку оваа крстосница беше позната црна сообраќајна точка, на која што имаше и несреќи со човечки жртви.

Лаура Стојанова М-Нет