
Со промоција на две книги НУЦК „Ацо Шопов“ одбележа 40 години од смртта на својот патрон. Промоцијата на книгите „Убавите жени“ од Зоран Пејковски и „Времето на Конески“ од Димитар Пандев се одржа во Галерија ’22 на националната установа, а авторите говореа за монументалното дело на двајцата автори, Конески и Шопов. Според Пандев, Шопов како автор на тишината зад себе остава едно импозантно дело.
„Ако кажеме дека Ацо Шопов е поет на тишината, треба да имаме предвид дека поетите творат во тишина и осаменост. Можеби, тоа може да се каже и за Ацо Шопов, за Блаже Конески и за други поети, но треба да имаме предвид дека тие воделе навистина бурен живот. Да тргнеме од тоа дека Ацо Шопов бил партизан, дека активно се вклучил во одбраната на македонскиот јазик по првите напади. Тој се вклучил во демократизацијата на светската книжевност, го донесе оној африкански жар во нашата култура. Треба да имаме предвид дека создаде навистина едно импозантно дело“, истакна Пандев.
Одличен филозоф, со смисла за музика и хумор, како еден од првите сатиричари во поезијата и автор на првата повоена книга на македонски јазик. Шопов останува препознатлив по воспоставувањето на телесноста во литературата, како и со своите тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонскиот јазик, со уште петнаесетина избори препеани на странски јазик.
„Токму кога го споменуваме овој факт за телесноста, сакам да истакнам дека последните децении телесноста е една од клучните теми во литературата, а Ацо Шопов тоа го има претставено во својата поезија за да почне рано прецизно обработувајќи го телото човеково во онаа смисла во којашто тој и во раѓањето на зборот произлегува онаа формалистичка поезија што се јавува како поетика во тоа време. Ацо Шопов бездруго е еден од врвните наши поети и од него сме имале навистина што да научиме, учејќи го неговиот стих, особено оние песни за осамата и тишината, како ветрот носи убаво време, во секој град живее еден човек, што се теми на осаменоста. Секако, да не ја заборавиме тишината во неговото творештво“, додава Пандев.
Тишината како да е негова внатрешна визија, вели Пандев, бидејќи во последните години се повлекува од збиднувањата. Ацо Шопов останува еден од основоположниците на современата македонска книжевност и на тој начин го заокружува своето присуство и значење во литературата.
Ребека Спасова М-Нет