
Одржани 20. по ред Митровденски средби на доктори на науки. Настанот и годинава се одржа традиционално во Националната установа – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип, каде промовирани беа шест доктори на науки кои докторирале во периодот од 09.11.2020 година до 25.10.2021 година. Исклучок е направен за кандидатите кои докторирале претходно, но заради оправдани причини не биле промовирани.
„Овој настан е од големо значење за нас, ние сме избрани за рекламирање на доктори на науки оваа година. Јас докторирав во февруари на тема „Определување на природни периоди на градежни објекти“ и се чувствуваме пријатно што сме овде и што сме дел од овој настан“, истакна Мирјана Коцалева, доктор на информатички науки.
„Овој настан е од големо значење за нас. Им благодариме на градската библиотека и на Општина Штип за организацијата на овој настан и нашата промоција. Јас докторирав во септември минатата година, темата ми е „Систем за амбиентално и потпомогнато живеење и континуирано следење на биофизиолошки параметри“, што е како иновативен систем доста познат во болниците и во старечките домови пред сѐ“, рече Александра Стојанова, доктор на технички науки.
Настанот се одржа со почитување на мерките за заштита од Ковид – 19 во рамките на програмата по повод 8 Ноември – ослободувањето на Штип.
Ребека Спасова МНет