Промовирани можностите за бесплатна правна помош во Штип

Во Штип денес промовирани можностите за бесплатна правна помош. Сите оние што имаа било какви прашања имаа можност да прашаат, да се информираат, а експерти од областа им даваа одговори и лесно разбирливи информативни материјали околу конкретните теми за кои што може да се добие бесплатна правна помош. На настанот се разговараше за проблематики како што се семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита.

„Примарна правна помош е основна форма на правната помош и неа може да ја добие буквално секој за било кое правно прашање,правни совети,правни информации или правно упатување. Доколку има потреба од решавање на некое правно прашање што е поврзано со водење на некоја управно судска постапка, тогаш може да се информираат кај вработените од бесплатна правна помош дали ќе оствари услови за да ја добие онаа секундарната, подоцнежната правна помош од адвокати.“ истакна Елена Ѓоргиевска, Национален консултант на Совет на Европа

Oвие активности се планирани за во 12 општини во Македонија, од 13 јули до 20 август, и се очекува да ги зајакнат знаењата за бесплатната правна помош меѓу жителите на локалните заедници, но, исто така и меѓу правните професионалци,  на тој начин овозможувајќи поширок пристап и искористување на овие правни услуги, со особен фокус на ранливите групи, како што се жените и децата. Според Ѓоргиевска заинтересираноста е голема.

„Заинтересираноста за правна помош, правни совети и правни упатувања е секогаш голема. Законот за бесплатна правна помош е нов од 2019 година, и навистина многу се олеснети условите кои што еден граѓанин би требало да ги исполни за да добие секундарна правна помош.“

Настанот се спроведува во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и на Советот на Европа, во тесна соработна со Министерството за правда на РСМ. Оваа кампања се спроведува од 2021 година и има за цел да ги промовира овие услуги како еден достапен и функционален механизам којшто најважно од се нуди еднаков пристап до правната помош за оние коишто инаку не би можеле да си ја дозволат.

Лаура Стојанова М-Нет