Проектот за брана на река Отиња продолжува да се финансира и во наредната година

Проектот за изградба на брана на река Отиња продолжува со финансирање од страна на Министерството за транспорт и врски и во наредната 2022 година, а во 2023 се очекува истата да биде завршена посочи денеска од Штип, Министерот Благој Бочварски.

„Браната на река Отиња останува во Буџетот на Министерството за транспорт и врски и тоа е прелог Буџет кој допрва оди во Собрание. Ќе има доволно средства за да се одвиваат непречено активностите и во наредната 2022 година. Според моите сознанија некаде 2023 година ќе биде годината кога ќе ја завршиме градбата на оваа брана.“ – кажа Бочварски.

Во оваа прилика Бочварски истакна дека соработката со општините од Истокот продолжува и понатами без разлика дали општината ја предводи градоначалник од власта или опозицијата.

„Ние сме отворени за соработка, впрочем тоа го докажавме и во претходниот период, имаше и во претходниот мандат општини кои се предводени од градоначалници и од опозицијата и од Власта. Подеднакво инвестиравме насекаде, во сите региони, тоа се гледа колку инвестиравме во сите општини“ – додаде Бочаврски.

Освен инвестиција во изградбата на брана на река Отиња, во Штип од страна на Министерството за транспорт и врски се инвестираше и во реконструкција на улицата Панче Караѓозов, крстосницата во населба Сењак меѓу улиците Сремски фронт и Борис Краѓер, како и за изградба на конзолите на река Отиња, додаде Бочварски.

Лаура Стојанова М-Нет