
Жителите на с. Врсаково веќе нема да имаат проблем со водата оти комплетно ќе се промени водоводната линија. Како што посочиле тамошните жители, дефект имало речиси четири години, кој исто толку време не бил решен. Со денешниот увид на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, ќе започнат активностите во ова населено место.
„Проблемот којшто жителите на с. Врсаково ни го посочија во предизборниот период, дека се соочуваат со чести дефекти и недостаток на вода за пиење, го решаваме денес со реконструкција на дел од главната водоводна линија. Со ова комплетно се решава овој проблем и потреба. Сега започнуваме, а сум убеден дека во наредните денови линијата ќе биде комплетно завршена, со што жителите ќе имаат чиста вода за пиење. Со ова ги подобруваме условите во с. Врсаково, но исто така го исполнуваме и нашето предизборно ветување кое го дадовме за овдешните жители“, истакна Јорданов.
„Вршиме реконструкција на дел од водоводната линија со која се снабдува с. Врсаково. Поточно, трасата на којашто вршиме реконструкција е околу 500 метри. Инвестициите коишто ќе ги издвои ЈП „Исар“ за жителите на Врсаково да добијат подобро водоснабдување е околу 416.000 денари. Со ова сите жители на Врсаково ќе добијат комплетно и константно водоснабдување“, информираше Здравков.
Реконструкцијата се очекува да биде завршена за неколку дена, кога и жителите ќе ја користат водата непречено, откако преходно честопати останувале без вода.
Ребека Спасова МНет