Продолжува судењето за пожарот во Пулс, поранешните директори на ДЗС со воведни говори

Денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани. Воведни говори имаа поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Тие истакнаа дека немаат одговорност за пожарот во кочанската дискотека. Поранешниот директор Аднан Џаферовски посочи дека неговата совест е чиста и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“. Шабан Салиу пак кој беше директор на ДЗС од 2008 до 2017година, во својот воведен говор истакна дека нема одговорност за настанот кој се случи на 16 март 2025 година додавајќи дека тоа ќе се докаже, бидејќи според него обвинението се темели на претпостави и притисок од јавноста.

„Обвинението ме товари како поранешен директор кој девет години нема никаква фактичка или правна врска со институциите. Обвинет сум за сторено кривично дело со опис кој се темели на препоставки, под притисок на јавноста.“ – вели Салиу.

Градежниот инспектор пак на почетокот од денешното рочиште во Кривичниот суд побара да добие збор и да даде свое воведно излагање, затоа што не сфатил дека и тој лично како обвинет има право да се изјасни по воведните зборови на неговиот бранител.

Рече дека со години работел како градежен инспетор и никогаш немал наредби за контрола на дискотеката.

На претходните рочишта свои воведни говори имаа и поранешните градоначалници на Кочани, сопственикот на дискотеката и неговиот син, како и обезбедувањето.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, како резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа се вкупно 34 лица, сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници, како и три правни лица.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет