Продолжува праксата паркинг кај градскиот пазар во Штип да се наплаќа само во петок

Паркингот кај градскиот пазар во Штип се наплаќа само во петок, на пазарен ден. Иако, табла за наплаќање паркинг стои редовно, вработени во ЈП „Стипион“ наплаќаат со винетки само во петок. Во неформален разговор за М-Нет Телевизија вработените посочија дека овде се само во петок оти тогаш има најголема фреквенција, но граѓаните го искористуваат паркинг просторот кога рампите се подигнати. Повеќето ги заземаат паркинг местата уште претходниот ден или, пак, плаќаат за еден час, а остануваат повеќе. Зошто табла за наплаќање при паркирање стои, а паркингот во останатите денови не се наплаќа го прашавме директорот на јавното претпријатие Стипион, Игор Ефтимов. Тој вели дека одлуката е донесена во 2018 година, така работеле од претходната Власт, така продолжуваат и тие.

„Во 2018 година на Совет е помината одлука со која тие паркиралишта се доделени на ЈП „Стипион“. Исто така, во истата одлука стои дека право на претпријатието е да одлучува во кој ден и во колку часот ќе биде тоа паркиралиште отворено за паркирање на возилата. Во претходниот период, претходното раководство тоа паркиралиште го користело само во петок кога има најмногу фреквенција на возила. Сè уште немаме прв состанок на Управен одбор и не сме разгледале, ниту сме направиле анализа дали ќе биде исплатливо постојано во текот на неделата сите денови да го опслужуваме тоа место или ќе продолжиме само во петок.

Ефтимов додаде дека одлука за тоа дали ваквата практика ќе остане ќе донесат за недела или најмногу две, но дотогаш ќе се практикува стариот начин на функционирање, односно паркинг да се наплаќа само во петок.

Лаура Стојанова М-Нет