
Продолжуваат активностите за изградба на булеварот „Партизанска“ во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов посочи дека со засилена динамика на терен, изградбата треба да биде завршена до крајот на летото. Спорните објекти ќе бидат срушени, а овде ќе се изгради нов кружен тек за регулирање на сообраќајот. Јорданов во оваа прилика упати извинување до граѓаните заради застојот претходниот период, додавајќи дека работите ќе бидат завршени до крај.
„Продолжуваме со изградба на булеварот Партизанска. До крајот на летото целиот булевар ќе биде завршен со нов кружен тек кај спорните објекти. Сите тендерски постапки се завршени, изведувачот од денес па во наредниот период интезивно со засилена динамика ќе влезе со градежни активности.“ – вели Јорданов.
Иако Општина Штип нема надлежност, сепак заради солидарност ќе им излезе во пресрет на жителите кои живеат на овој потег на булеварот „Партизанска“. Ќе бидат привремено сместени во студентски дом во Штип, а потоа трајно ќе добијат кров над глава во типските куќи кои се во завршна фаза.
„Што се однесува до спорните објекти дали ќе бидат срушени, немаме друг начин освен дислоцирање на жителите и рушење на објектите за да се изгради булеварот Партизанска. Јас се сочувствувам со жителите, но Законот е јасен. Жителите на оваа локација се времено сместени, истите се известени дека треба да ги напуштат објектите. Во насока на солидаризирање Општина Штип веќе има на располагање објект каде времено ќе бидат сместени. А паралелно се градат типски куќи кои ќе и бидат дадени во сопственост“ – додава Јорданов.
Во наредните месеци ќе се започне и со продолжување на булеварот „Гоце Делчев“, односно ќе се уредува излезот на градот Штип кон Скопје. Ќе се продолжи постоечкиот булевар во должина од нови 1,6 километри, од кружниот тек кај населбата Железничка до клучката пред населбата Три Чешми.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет