
Фудбалските екипи се повеќе најавуваат и одигруваат пријателски контролни средби во пресрет на пролетната полуетапа. Второлигашкиот лидер на истокот, штипска Брегалница подготовките ги одвива во Дојран каде што веќе одигра и загуби еден контролен меч од српскиот лигаш Раднички. Во Дојран Брегалница во сабота 6 февруари ќе се сретне со Беласица, на 10 февруари во среда со Плачковица и на 13 февруари,сабота со Кожув по што штипската фудбалска експедиција ќе се врати во Штип.
Екипата на Кит Го во Пехчево ќе одигра две „контролки“, во сабота со Осогово а веднаш потоа во недела со екипата на Малеш од Берово. За Кит Го ова ќе бидат трети и четврти пријателски меч по нерешените две средби со Брегалница и со Кожув кои завршија со идентичен резултат 1:1.
Прв контролен меч ќе одигра тимот на Овче Поле од Свети Николе кој во Неготино ќе се сретне со екипата на Вардар за кого пак ова ќе биде четврта „контролка“ во кои има една победа, еден пораз и еден нерешен резултат.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk