Пријава за професор и потпретседател на Стоматолошката комора за примање поткуп од студенка

Полицијата поднесе кривична пријава против професор на Стоматолошкиот факултет кој е и потпретседател на Стоматолошката комора и против претседателот на Комисијата за полагање на стручен испит на здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата при Министерството за здравство за примање поткуп.

Според информациите на МВР, тие примиле пари од студентка за да се стекне со Уверение за положен стручен испит во областа на стоматологијата.

„На 27 јули Единицата за финансиски криминал поднесе кривична пријава против три лица. А.Т.(27) од Битола заради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, С.Ч.(56) од Гостивар за „примање награда за противзаконито влијание“ и С.Е.(63) од Скопје за „примање поткуп“. Од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршени се претреси кај второ и третопријавениот при што се пронајдени и одземени парични средства во износ од 65.280 евра 29.840 франци и 161.500 денари“, извести МВР.

Пријавената А.Т. како студентка на Стоматолошки факултет со намера да се стекне со Уверение за положен стручен испит на здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата, во декември 2025 година по повеќекратна комуникација преку Вибер, на пријавениот С.Ч., професор на Стоматолошки факултет и поранешен Потпретседател на Стоматолошка комора му дала награда во вид на парични средства кои му ги префрлила на неговата банкарска трансакциска сметка.

Парични средства му биле дадени на С.Ч. со цел истиот да изврши влијание кај пријавениот С.Е. во својство на Претседател на Комисијата за полагање на стручен испит на здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата при Министерството за здравство, при што пријавената А.Т. во декемвриска испитна сесија полагала на 17.12.2025 пред формираната комисија и без да го поседува потребното знаење се стекнала со Уверение за положен стручен испит.

 

фото/Depositphotos

Текстот Пријава за професор и потпретседател на Стоматолошката комора за примање поткуп од студенка е превземен од МАКФАКС.