Пристигна учебник по Македонски јазик и литература за петто, се повлече Историја и Општество

Цела година учениците копираа лекции и учебници, а вчера петтоодделенците го добија новиот учебник по Македонски јазик и литература. Директорот на штипското основно училиште „Гоце Делчев“ потврдува дека наставата досега се одвивала многу тешко, а јавноста и иницијативата „Учебници и настава мора да има“ го критикуваат Министерството за образование што доставата на учебници се случува на две недели пред крајот на учебната година.

„Како се реализираше досега наставата? Многу тешко. Користевеме стари учебници, копиравме со цел учениците да има од каде да совладуваат дел од наставната програма“, вели директорот Митев.

„Да се добие учебник на две недели пред крајот на школската година е навистина жалосно и е противзаконски. Ние имаме Закон за учебници и наставни матрејали каде што точно е дефинирано кога се објавува оглас за учебник, кога авторите треба да ги пријават своите дела и кога тој се печати. Ова ниту било, ниту ќе биде“, вели Драгана Спасевска од Иницијатива „Учебници и настава мора да има.

На две недели пред крајот МОН го повлече и учебникот за Историја и Општество за петто, од кој учениците требаше да учат дека источен сосед ни е Албанија, а западен Бугарија, како и дека Монт Еверест е висок 29 илјади метри, иако највисоката точка на земјата е околу 8.800 метри. Кога истиот наиде на реакции од јавноста, министерот посочи дека ќе се повлече доколку има повеќе од 30% грешки.

„Од пред некој ден па веќе имаме повлекување на еден учебник, односно учебникот за Историја и Општество за петто одделение, се повлекува со пропратно писмо од МОН. Значи, сега во останатите 10 – 15 дена повторно ќе немаме учебник за Историја и Општество. Инаку, по останатите предмети, немаме учебници по Историја за шесто одделение, по Германски, по Англиски јазик“, додава Митев.

Минатата година Иницијативата пушти и претставка до Антикорупциска барајќи да се покрене постапка и да се истражи случајот каде завршиле 20 милиони евра кои државата за образовна реформа ги доби од Европската Унија, а притоа учениците останаа без учебници.

Ребека Спасова М-Нет