
Се разбистрија фудбалските води во прволигашката лига на Македонија со најновата источна приказна наречена ФК Брегалница – Штип. Долго траеше фудбалската штипска голгота за да во јубилејната 100 годишнина од формирањето на клубот се оствари прволигашкиот сон и изцртување на фудбалска карта на Македонија со присуството на Брегалница. Се составија коцкичките, се сплоти мозаикот во режија на докажаниот Марјан Секуловски кој беше на тешки маки во година на пандемија и на непредвидливи повреди кај клучните играчи, за да ја изведе есенската невозможна мисија со успешен пласман во горниот дел на прволигашката табела. Ќе остане забележано дека токму во оваа сезона и од овој играчки кадар изртеа, се развија и по подолга пауза се „разлетаа“ по македонските селекции и првите репрезентативци, кадар на Брегалница. Македонската фудбалска јавност ги знае нив, не сакам да ги возвишувам нивните имиња за да не им посметам во нивниот развој, но тие го красат штипскиот фудбал и се одлична перспектива за понатаму. Крајот го краси делото и токму дербито на Истокот во Кавадарци ја покажа сета моќ, исконската сплотеност разлеана со раздрагана радост која бликаше на лицата кај сите играчи кои како рој пчели летаа кон својата матица по секој постигнат гол против Тиквеш. Иако имаше водство домакинот, иако Брегалница беше оштетена за пенал, подоцна и прокоцкан удар од 11 м. требаше да се има сила, морал и длабоко поверение од нивниот шеф кој веруваше во своите играчи и кои се оддолжија со пресврт. Сите се заслужни за овој успех во Кавадарци, како и за целата есенска „рапсодија во плаво“ на која потклекнаа повеќе реномирани екипи. Јован Манев, Милан Џокиќ и Марјан Алтипармаковски ги запишаа своите имиња како стрелци по заслуга на своите асистенти или со еден збор сите актери на теренот влијаеја на заслужениот триумф. Честитки за „плавата чета“, целокупното раководство,стручниот штаб, играчите, помошниот персонал кои како на тацна им сервивраа на Фалангата и на останатите верни симпатизери и навивачи една убава приказна за која заслужуваат пријатен зимски одмор, за да на пролет ја продолжат сагата за Брегалница и добриот стар Исток толку задоен и желен за добар фудбал.
Драги Герасимов – Пушка mnet.mk