Приведен 19-годишник во Радовиш поради агресивно однесување кон полицајци, кривична и за жител на Пробиштип

Полицијата во текот на изминатото деноноќие евидентирала два одделни случаи поврзани со агресивно однесување и закани кон полициски службеници во Радовиш и Пробиштип.
Во Радовиш, ноќеска околу 1:20 часот, полициски службеници го привеле М.Б. (19) од Радовиш, откако десетина минути претходно, во близина на угостителски објект во градот, агресивно се однесувал кон полицајци кои извршувале службени задачи. Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во меѓувреме, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднела кривична пријава против Г.Ѓ. (47) од пробиштипско, поради сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.
Според информациите, на 21 мај годинава пријавениот телефонски, а потоа и лично во просториите на ОВР Пробиштип, се однесувал агресивно и упатувал закани кон полициски службеник. За случајот е поднесена соодветна кривична пријава до надлежните органи.