Преспа е есенски шампион во Трета лига – Југозапад, Кораби и Сатеска сакаат титула и Втора лига!

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Есенската полусезона во Третата фудбалска лига – Југозапад заврши со одиграни 11 натпревари. Екипата на Преспа од Ресен е есенски шампион со 28 освоени бодови преку девет победи, едно реми и еден пораз.

Во трката за првото место, титулата, но и баражот за Втора лига ќе конкурираат уште две екипи, односно Кораби кој заврши на второто место со скор од девет победи и два порази и 27 бодови на своето конто, додека пак на третото место заврши Сатеска од Волино со 26 бодови и скор од осум победи, две ремија и еден пораз.

Овие екипи ќе водат пролетна борба за првото место и баражот за Втора лига.

Екипата на Сатеска го има најдобриот напад со реализираше 40 погодоци, а овој тим го има и најдобриот стрелец тоа е искусниот голгетер Никола Секулоски кој има постигнато 23 погодоци. Најдобра одбрана во Трета лига – Југозапад има есенскиот шампион Преспа со седум примени погодоци.

На четвртото место есенскиот дел го финираше екипата на Кравари со 17 бодови, на петтото место е екипата на Евротип со 16 бодови, ланскиот второлигаш Караорман заврши на шесттото место со 15 бодови, Влазними и Велешта го делат седмото место со 13 бодови.

Новиот третолигаш Света Троица од Охрид заврши на деветтото место со 11 бодови, а толку има и Славеј од Мешеишта, додека пак Демир Хисар е претпоследен со 10 бодови.

„Фенерџија“ е екипата на Светлост од Кукуречани со само три бодови на своето конто.

Пролетната полусезона во Третата македонска фудбалска лига – Југозапад ќе стартува со натпреварите од 12. коло.

Александар Ванев, М-Нет