
Во 16 часот и 59 минути за жителите на северната хемисфера на Земјата започнува летото. Денот е најдолг, а ноќта најкратка. Со ова за луѓето ќе започне и сезоната на летни одмори. Анкетата на терен покажува дека граѓаните планираат да заминат некаде ова лето, иако има и такви кои поради ниските примања не би можеле да си дозволат такво уживање.
Во однос на финансиската ситуација, анкетираните граѓани посочуваат дека таа, секако, е тешка, но дали некој ќе замине на одмор е индивидуално прашање. Оние кои имаат можности ќе го сторат тоа, други, пак, би можеле да останат дома или да најдат поевтина алтернатива.
Летото оваа 2023 година ќе трае 93 дена, 15 часа и 52 минути. Иако изминатава седмица имавме временски услови кои беа нетипични за месец јуни, денеска летото пристигна со сончево и топло време. Додека Земјата ротира околу Сонцето, но и околу својата замислена оска, нејзината положба во одреден момент во однос на Сонцето ги дефинира годишните времиња. Оваа година есенската рамноденица е на 23 септември, што значи дека тогаш завршува летото и започнува есента.
Ребека Спасова М-Нет