
Гужва, голема раздвиженост, на штипскиот пазар на празничниот петок. Иако граѓаните во голем број излегоа да пазарат, едногласни се дека цените се високи, дури повисоки од минатиот петок. Посочуваат дека за празникот сепак мора нешто да се купи колку и да е скапо.
Продавачите не се согласуваат со купувачите во тврдењето дека цените се високи. Велат дека иако некои се за нијанса повисоки, сепак се пристапни за граѓаните. Тоа што ова е прв пазарен петок со одмрзнати цени за нив не значи многу оти и претходно цените биле многу под онаа утврдена граница од Владата.
Во однос на тоа дали одмрзнувањето е простор за силен скок на цените, над оние претходно утврдени, продавачите се поделени. Дел од нив велат оти е можно да се врати цената на краставицата и доматот и над 90 денари, бидејќи сѐ зависи од климата и производството. Други, пак, посочуваат дека простор за таква грижа нема, бидејќи истите ќе бидат со уште пониски цени.
Ребека Спасова М-Нет