Православните верници празнуваат Лазарева сабота и Цветници – почнува страдалната недела

Православната црква денес го чествува празникот Лазарева сабота, чие воскреснување е предвесник за Христовото воскреснување. Како една силна потврда за Неговото и за сеопштото Воскресение, денес го воскресна Својот пријател Лазар од Витанија, кој веќе четврти ден беше во гробот. Го воскресна и за да покаже дека се наближува уништувањето на смртта и обновувањето на човечката природа.

Утрешниот празник Цветници, пак, го одбележува влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, пречекан со палмини гранчиња. Поздравот „Осана во висините“ одекнувал на овој ден како силен радосен поздрав за Царот Кој не дојде за земна слава, туку за да прими страдања. Кај нас празникот се слави со врбови гранчиња кои најрано раззеленуваат.

Веќе од понеделник почнува страдалната недела и подготовката за Христовото предавство, мачење и воскреснување. Православната црква по тој повод почнувајќи од понеделник секојдневно ќе има содржајни утрински и вечерни литургии.

Ребека Спасова М-Нет