Православната црква го слави св. Трифун, маченик за Христа и христијанскиот живот

Православната црква денеска го празнува свети Трифун, маченик погубен за христијанската вера. Според верувањата, уште од рани години со дар на чудотворство. Пример за доследност на христијанството и верата во Бог, долготрпеливост и христоликост.

„Тој имал можност и власт од Бога дадена да лекува болни и да ги лекува животните и да се грижи за растенијата. Така дошол во Рим кај царот и го изгонил лошиот дух од неговата ќерка. Царот Гордијан го обдарил со големи богатства, а, пак, младиот Трифун го раздал имотот на сиромаси. За време на гонењето бил предаден на страшни маки и загинал маченички за Христа“, вели Добрица Јанев, свештеник.

Според верувањата, свети Трифун е заштитник на градинарите и лозарите, празник на лозјето и виното. Поради тоа кај оние кои го празнуваат на овој ден постои пракса да се кројат лозите.

„Нашиот народ по богослужбата со осветената вода го полива лозјето и повикува свештеник за да се освети новото лето Господово, новата година“, додава Јанев.

На овој ден се оддава почит на маченичката жртва на свети Трифун за Христос и христијанскиот живот и неговата христоликост, каква и ние треба да имаме.

Ребека Спасова М-Нет