По формирањето на новата Влада потребни се ефикасни мерки за заштита на економијата

Откако се појави коронавирусот и во нашата држава, многу економски гранки доживеаја колапс. Посебно оние кои имаат тесна соработка со странски компании. Се намалува обемот на работата, се отпуштаат работници. Дел од работниците кои остануваат на работа или заболуваат или се потенцијални носители на вирусот и треба да се во самоизолација.

За овие проблеми претходната Влада спроведе мерки, кои требаше да помогнат на претпријатијата при исплати на плати. Сепак, дел од работодавачите, ги злоупотребија мерките, и ги задржуваа парите за себе.

Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи и сопственик на текстилна конфекција во Свети Николе, истакна дека од страна на Владата не биле конкретизирани уредбите поврзани со тие мерки и дека не е добро што сите работодавачи се ставаат во ист кош, и оние што ги исплатиле и оние што не ги исплатиле платите на работниците.

-Никаде нема стриктен член, одредба, во која се вели дека работодавачот мора да ја исплати платата. Работодавачот мора да поднесе барање, да поднесе МП и да ги одбележи работниците. И потоа има казни за оние кои немале 30 отсто, падна продуктивноста, кои го намалиле бројот на работниците, никаде нема казна за оној што не ја исплатил платата. Јас не велам дека треба да не ги исплаќаат, но уредбите мора да ги донесуваме многу попрецизно, да секому му биде јасно дека тие пари се наменети за работниците, а не за работодавачот – изјави Димитров.

Тоа што техничката Влада излезе со список  на компании кои не ги реализирале мерките, според Димитров е добро, бидејќи се знае од кои градови се компаниите кои не  ги реализирале мерките. Тој додаде дека на списокот немало текстилни компании.

Сепак, мерките, особено оние кои беа за задржување на работните места, престанаа заклучно со месец јуни. Од 1 јули веќе нема никакви мерки, а помош им е потребна на претпријатијата. Немирот на сопствениците на текстилните претпријатија е се поголем, бидејќи доаѓа есен, промена на сезона, проблем  карактеристичен и во другите години, а годинава ќе е поголем проблем поради падот на побарувачката на текстилни производи и потрошувачката од најголеми партнери, на прво место Германија.

-Јас се надевам дека новата Влада на брзина ќе се формира, многу е битно бргу да имаме една ефикасна влада, и таа најпрвин ќе почне да размислува и веднаш ќе преземе мерки за подобрување на состојбата во економијата по мерките кои ги преземаат и останатите држави.

Минимум што владата треба да обезбеди е исплата на трошоците за вработените кои седат дома, без разлика по кој основ и во случајот ако фирмата има потешкотии во снабдување со работа, наместо да ги отпушти работниците, да им скрати работно време со четири часа, останатите четири часа да ги плати државата.

На тој начин, наместо да добиеме невработени луѓе и наместо државата да има нови социјални случаи кои ќе ги плаќа, подобро е одреден период да ги исплаќа тие четири часа, но работниците ќе ги задржат своите работни места. Тоа го прават во Германија и во некои други држави, мислам дека е неопходно и кај нас да се направи -објаснува Димитров.

Новата Влада се` уште не е формирана, и не се знае кога ќе се формира, а помош на претпријатијата им треба. Пред се`Пред се` за работниците кои се позитивни на КОВИД 19 и кои се на товар на работодавачот, бидејќи 30 дена боледување е на терет на работодавачот, потоа за луѓето кои се во изолација, работничките кои ги чуваат малите деца кои не одат во градинка. Тоа се` е на товар на работодавачот, и во услови кога нема никаква помош, работодавачите ќе имаат големи трошоци.

Дали таканаречениот втор бран ќе донесе и поголеми проблеми, затворање на повеќе претпријатија ќе зависи од брзината на формирање на Влада, но и нејзино ефикасно работење.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ