
По трет пат пролонгиран рокот за завршување на проектот „Планински велосипедски рај“, со кој е предвидено изградба на велосипедска патека во Општина Кочани. Имено првично патеката требаше да биде завршена во ноември минатата година, па потоа до месец јуни годинава. Меѓутоа, граѓаните на Кочани кои сакаат да спортуваат или возат велосипед сè уште го користат патот кон браната Градче, кој го користат и автомобилите. Со тоа се става под знак прашалник и нивната безбедност. Новиот пролонгиран рок е до крајот на месец август.
„За жал имаме таква ситуација заради неодговорниот извршуваш. Како што знаете, првиот рок за завршување на сите работи околу проектот „Планински велосипедски рај“ беше 15 ноември, минатата година. За жал, изведувачот поради одредени причини, кои му се познати само нему, неколку пати го пролонгираше рокот на изградбата на овој проект. Сега тој побара продолжување на рокот. За наша среќа, наидовме на разбирање од страна на претставници на една светска банка и го прифатија неговото барање. Односно, сега терминот за завршување на овој целокупен проект е крајот на август. Се надевам дека изведувачот овојпат ќе остане на своето ветување и на своите преземени обврски и, навистина, проектот ќе биде завршен во предвидениот рок“, рече Николчо Илијев, Градоначалник на Општина Кочани.
Меѓутоа, градежните активности кои се спроведуваат за завршување на овој проект сè уште не се во завршна фаза.
„Прво, сè уште не е завршен Планинарскиот дом. Значи, тој е во завршна фаза. Меѓутоа, ние зборуваме дека неколку месеци е во завршна фаза, а ќе биде готов кога ќе биде комплетно завршен. Тој не е завршен и, секако, не е завршена патеката околу браната и водопадите. Значи, сè уште има уште доста работа, не се завршени сите оние други придружни елементи кои треба да бидат направени на патеките, како што се видиковците. Секако, и сè друго што е предвидено со проектната документација. Има уште доста работи кои не се направени, а се предвидени со проектот“, додаде Илијев.
Општина Кочани нема никаков договор и никаква надлежност врз изведувачот, освен одлуката на Локалната самоуправа за интерен надзор кој ќе се грижи за квалитетот на завршените работи. И тоа е заради интересот на граѓаните
Лаура Стојанова МНет