Температури околу 40 степени, а штипјани немаат чешма или фонтана за разладување

Со најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, на крајот на оваа седмица, започнувајќи од денеска, температурите во државата на одредени места ќе надминат и 40 степени. Со ова за втор пат годинава во државата се вклучува портокалово светло за опасност од високи температури, натпросечни за овој период од годината. И додека препораките од медицинските лица се да не се излегува на отворено без потреба, да се носи полесна облека, да се консумира полесна храна и многу вода, штипјани на 40 степени целзјусови велат дека во градот под Исарот има едвај неколку чешми и фонтани за да можат да се разладат или напијат вода.

„Нема воопшто. Јас сум пензионерка и ние одиме, се шетаме. Меѓутоа, секогаш, морам да носам вода во чантата. Секогаш, зборуваме за тоа. Си велам дека градов еднаш беше полн со природни чешми, а каде отидоа тие води, не знам. Тоа не е добро. А кој е надлежен за тие работи не знам. Мора некој да се заинтересира за тоа, да види дека нема вода во градот. Тоа не треба така да биде. Треба да си има фонтани или чешми. Сега ништо нема, тоа е хаос.“
„Нема ништо во градов за да се разладиш, ниту чешми, ниту фонтани. Дури нема ни јавен тоалет. Нема ништо од тоа што е потребно во нашиов град.“
„Има стари луѓе што треба да се освежат, да се напијат вода. Чешми има, ама не се во функција. Треба да се пуштат тие чешми за да функционираат.“
„Штип имаше и многу природни чешми, а сите се затворија. Зошто се затворија? Можеби, водата е загадена, бактериолошки неисправна, во ред е тоа. Ама треба тоа да се напише, па на ова топло може да се измиеш, ако не друго.“

На прашањето како граѓаните на Штип се разладуваат во овие топли летни денови, тие велат дека или не излегуваат од дома или кога мораат шишенце со вода си носат од дома.

„За да се спасиш од горештиниве треба само сам да си носиш вода. Каде има вода во Штип? Ете, градска чешма нема, освен таа што е на плоштадот. Дури и таа не тече целосно. Нема никаде, дури ни јавен тоалет нема.“
„Нема. Како да се разладиш? Единствено решение е да носиш шише во торбата.“

Дали постоечките чешми и фонтани кои не функционираат ќе се пуштат во функција за граѓаните на Штип да има каде да се разлагат во овие пеколни денови одговор побаравме и од директорот на ЈП Исар, Здравко Коцев. Тој посочи дека има доволно чешми и фонтани кои би ги задоволиле потребите на штипјани.

Лаура Стојанова МНет