По трагдеијата во Кочани, Црвен крст Штип организира обуки за прва помош и симулациски вежби

По трагедијата во Кочани, Црвен крст Штип организира вежби и предавања за прва помош, за сите заинтересирани граѓани. Целта е да се надоградат знаењата за нудење прва помош на лица кои имаат потреба од тоа. Освен за возачите обуки за прва помош се нудат и на компании, бидејќи вработените треба да имаат основни познавања за нудење прва помош во тешки ситуации.

„Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани кои сакаат да ги продлабочат своите знаења во однос на првата помош или пак да стекнат нови знаења да се обратат во просториите на Црвен крст“ – додава Димитровска.

Дополнително симулациски вежби се организираат и во соработка со основните и средни училишта на територија на Штип. Целта е учениците да бидат подготвени да можат да помогнат во итни ситуации.

„Организирање на симулациски вежби во соработка со образованите институции. Оваа недела во соработка со основните и средни училишта ќе се реализираат дополнителни обуки по прва помош како и симулациски вежби. Многу е значајно да се напомене дека првата помош спасува живот. Црвен крст како организација постојано работи на подигање на свеста кај граѓаните за учење прва помош“ – вели Димитровска.

Трагдеијата во дискотеката во Кочани подеднакво беше болна за сите. Тимови на Црвениот крст мобилизирани веднаш беа на терен, и нудеа прва помош, прва психолошка помош на сите кои имаа потреба, Отворени се и телефонски линии за донации со што се помага на семејствата на настраданите од пожарот. На терен во Кочани беа 50 волонтери, распоредени во тимови кои неуморно пружаа прва помош.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет