Кај 800 вработени во седум конфекции, кои во текот на минатите денови беа тестирани од страна на епидемиолошката служба, 126 се позитивни на КОВИД 19.
Во проценти, тоа би изнесувало 15,7 отсто, од кои, 85 отсто се асимптоматски, а неколку лица се хоспитализирани. Се очекуваат резултати за уште 40 тестирани лица.
Ова денес го изјави директорката на Центар за јавно здравје во Штип, Марија Димитрова, и додаде дека од анкетите кои започнале на 24 Мај, со појавата на првиот позитивен случај во конфекција, анкетирање кое се` уште трае, заклучокот е дека вирусот се проширил од првиот позитивен вработен во конфекција, а потоа и останатите, кои во меѓувреме се инфектирале во текот на работниот процес. Тоа значи, за време на паузите, слободните дружења после работа и патувања во автобусите до и од работното место.
Според груба проценка од Димитрова, евидентирани се околу пет кластери, кои се` уште не се целосно локализирани.
-Многу контакти се остварени, вие знаете дека и во други институции се има појавено позитивни, ги бараме, а она што со труд и со напор успеавме да го направиме е да ја стабилизираме ситуацијата моментално, да сите лица кои се позитивни во моментот се ставени во самоизолација. Ставени се во самоизолација и нивните семејства и контактите кои тие ги остварувале до 14 дена. После 14-от ден ќе им се направи прв тест, после 24 часа ако тестот е негативен, се повторува и се прави втор брис – изјави директорката Димитрова.
Скринингот направен во штипските конфекции е реализиран во договор со Комисијата за заразни болести со цел да се направи увид за тоа колку лица се позитивни, а колку асимптоматски.
Сепак, бројката на позитивни и асимптоматски не ги исплаши сопствениците на конфекциите, бидејќи според неофицијални информации, од денес заврши седењето дома за останатите вработени. Според епидемиолозите, доколку се почитуваат соодветните мерки за заштита, работниот процес може да продолжи.
Ако се запазуваат мерките, препораките кои се дадени и се повторувани повеќе пати и кои сите ги знаеме, значи носење маска, безбедна дистанца, миење на раце, и негрупирање, работниот процес може да продолжи – истакна Димитрова. Најава за нов скрининг во конфекции нема, а од утре започнува скринингот кај вработените во сите клонови на штипските градинки „Вера Циривири-Трена“ и „Астибо“, најавуваат од Епидемиолошката служба. Во текот на наредните два дена, предвидено е да бидат тестирани околу 237 лица. Како резултат на сите досегашни тестирања меѓу кои и од конфекциите, ПИОМ и ФЗО, во самоизолација се 500 лица.