
По повеќе од 30 години џудото како спорт се враќа во Штип, се формира нов клуб кој ќе носи името „Гладијатор“, а со работа како што изјави Ѓорги Хубрев за М Нет телевизија треба да започне од 1 март.
Како што вели Хубрев кој ќе го основа новиот клуб, во Штип џудо имало до 1994 година, тогаш активен бил клубот „13 мај“, а со формирањето на „Гладијатор“ одново џудото ќе биде застапено во градот под Исарот.
„До 1994 година во Штип постоеше џудо клуб кој се викаше „13 мај“, во кој јас бев долго години како натпреварувач и член на клубот. Новиот клуб ќе се вика Гладијатор“, вели Хубрев за М Нет.
Кога клубот ќе започне официјално со работа од 1 март, тогаш ќе се вршат и уписи, а возрасната граница е наполнети шест години во машка и женска конкуренција.
„Официјално кога ќе почне клубот со работа тогаш ќе може да се запишуваат членовите. Возраста на џудото е наполнети шест години па нагоре. Ќе има машка и женска конкуренција џудото е спорт за сите. Моментално само јас ќе бидам тренер, а во иднина и Горан, во Штио го знаат како Хамачо“, дополнува Хубрев.
На 1 март официјално клубот ќе започне со работа, тренинзите ќе бидат понеделник, среда и петок со почеток од 19:30 часот.
Александар Ванев, М-Нет