По гол и бод за Македонија ЃП и Башкими

фото: ФК Башкими/архива

Башкими и Македонија ЃП ги поделија бодовите во натпреварот одигран во Скопје, во кој и двата гола беа постигнати во второто полувреме, а конечниот резултат беше 1-1.

Први се заканија домаќините и тоа преку Софијаноски и Гереро, додека од другата страна, Јанков одлично интервенираше по обидите на Мемеди, Симоновски и Аворнио. Фудбалерите на Македонија ЃП имаа огромна шанса во 24. минута кога Гереро не успеа да ја спроведе топката во мрежата на гостите од само два метра. Талаков се закани од 16 метри, но Стојановски брилираше на голот на Башкими.

Капитенот на Башкими, Арменд Алими, имаше два обиди од 16 метри, но и двата не претставуваа сериозна опасност по голот на Јанков.

Веднаш во првата акција во второто полувреме, Симоновски го блокираше Јанков при исфрлување на топката, по што Аворнио беше прецизен од 7 метри и постигна гол за водство од 1-0.

Во продолжение, Башкими, задоволен од резултатот, се повлече на својата половина и ја чекаше својата шанса од контранапади. Зука се закани од 20 метри, но Јанков ја испрати топката во корнер.

Домашната екипа тргна по израмнување. Прво, ударот на Стоилов заврши во местото каде што се спојуваат гредата и стативата, за потоа Пецов, со помош на гостинскиот голман, да израмни на 1-1.

Во завршницата и Башкими и Македонија ЃП имаа шанса да дојдат до трите бода. Алими шутираше од 16 метри, но недоволно силно за да го совлада Јанков. И во дополнителното време, Маркоски ја имаше најзрелата прилика за победа, но неговиот обид за неколку сантиметри заврши покрај голот на Башкими.

Извор: ФФМ