Почнува грижата за цвеќињата, граѓаните ги заштитуваат од студот

Почнува грижата за цвеќињата, граѓаните ги заштитуваат од студот. При крај на октомври тие пополека се собираат и се носат во подруми, ходници и затворени тераси за да ги заштитат од студ и слана. Некои ги внесоа веднаш, други сè уште ги чуваат надвор, надевајќи се на уште малку топли денови. Но, грижата не престанува со внесувањето – растенијата секој ден бараат љубов и внимание. Потребно е умерено наводнување, отстранување на жолтите листови и нега. Само така цвеќињата ќе останат здрави и ќе процветаат повторно напролет.

Оние што немаат каде да ги внесат цвеќињата ги заштитуваат на терасите, каде што се подалеку од најсилниот студ. И таму грижата продолжува – редовно наводнување и тргање на жолтите листови се клучни за да преживеат зимата.

Преку зимата, особено кога температурите паѓаат под нула, цвеќињата мора да се внесуваат во топли простории за да не измрзнат. Без соодветна заштита, студот може да ги оштети или уништи. Затоа, вниманието и редовната нега се клучни за да се сочуваат здрави до пролетта, кога повторно ќе ги красат домовите и дворовите.

Иван Митев, М-Нет