
Официјално започна бербата на трпезното грозје во штипскиот регион, лозарите ги собираат првите зрели гроздови. По лозјата веќе се берат сортите Мишел Палиер и Викторија, а производителите велат дека квалитетот годинава е подобар. За лозарите сега најважно е грозјето да стигне навреме на пазарите и да добие добра цена. По трпезното, од септември лозарите ги очекува и бербата на винските сорти Вранец и Смедеревка.
,,Пред два дена почнавме со бербата на трпезното грозје од сортата Мишел падиер и Викторија. Па за разлика од ланската година рано е уште да кажеме кој принос ќе биде, меѓутоа имаме подобар квалитет од ланската година, значи подобро е заштитено. Бербата за трпезните грозјиња е секогаш во август, додека за оние винските Вранец и Смедеревка, почнуваме таму од септември.“, вели Богданов
Откупната цена годинава е од 35 до 40 денари, велат производителите, а претежно го продаваат на пиљарите и купци надвор од Штип
,,Трпезното грозје го продаваме на пазарот во Штип и тоа исклучиво на пиљарите и за некои познати купци надвор од Штип. Откупна цена е од 35 денара до 40 денари. Па они немаат сметка да го продаваат 80, а ние имаме сметка да го продаваме по 40, па сега нека гледаат муштериите.“, додава Богданов
Очекувањата се дека освен што ќе има добар квалитет на трпезното грозје, ќе има добар и на винското, кое се очекува да почне со берба веќе од септември.
Иван Митев, М-Нет