
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Универзитетот Гоце Делчев Штип и ТИРЗ. Ова произлезе од блискоста помеѓу истите. Од големо значење е бидејќи на студентите од штипскиот универзитет ќе им се обезбеди влез во овие зони.
„Ние како Универзитет имаме намера да правиме употребливи производи за индустријата и посебно за овие технолошко развојни индустриски зони, кои се генератор на развојот во Македонија и мислам дека дел од приходите во државата веќе ги одредуваат, веројатно, таму во делот на извозот. Така што јас не сум дел од таа проблематика, а мислам дека голем дел од извозот е таму. Затоа многу важно прашање за Универзитетот е да соработува со нив за да можеме на нашите студенти да им обезбедиме влез во тие зони за да можат да најдат квалитетно вработување. И не само вработување, ние со директорот разговаравме и за тоа платите на овие наши студенти бидат на европско ниво што гарантира солиден живот, што гарантира развој на нивните семејства, на нивните деца за Македонија да биде пристојно место за живеење“, рече ректорот, Блажо Боев.
УГД е првиот универзитет со кој се потпишува ваков меморандум, со тенденција соработката да продолжи и понатаму. Со ова се отвараат нови перспективи и нови можности за младите во државата.
„Еден од начините е секако да отвориме перспектива за стабилни работни места и, она што е многу важно, за добро платени работни места. Повторно кажувам меморандумот не е крајното решение, меѓутоа е добар чекор во тој правец. Ќе продолжиме со останатите и државни и приватни универзитети да развиваме ваква соработка. Меѓутоа, благодарност до УГД и за иницијативата да бидат први со коишто ќе воспоставиме соработка. Соработката подразбира заеднички да работиме и со компаниите во технолошки – индустриските развојни зони, но отворање на можности, секако, прво за практична работа за студентите, стекнување на вештини. Второ, секако, да искомуницираме за сите оние можности коишто стојат на располагање, бидејќи пред нас се нови инвестиции веќе реализираме од почетокот на годината во вредност над 120 милиони евра, коишто треба да отворат над 2.000 или близу 2.000 нови работни места. Инсистираме и работиме платите на тие работни места да бидат, секако, над просекот во државата“, посочи директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
ТИРЗ зоните учествуваат некаде околу 50% од вкупниот извоз на македонската економија а ваквиот меморандум за соработка овозможува и студентите на штипскиот унивверзитет да обезбедат сигурно работно место и подобар начин на живот.
Лаура Стојанова МНет