Поставени детски реквизити во близина на паркот „Макфест“, донација од еконосмки оператор

Нови детски реквизити се поставија во близина на паркот „Макфест“ во Штип. Станува збор за простор кој се наоѓа пред угостителски објект и самите детски ревизити се поставени од економски оператор, а не од страна на Општина Штип. Ама како што вели градоначалникот Иван Јорданов паркот е на јавна површина и ќе биде достапен за сите граѓани односно за децата, и покрај тоа што угостителскиот објект плаќа за користење на јавната површина. Дециден е дека претходно овој простор бил заборавен па токму затоа сега се обнивува со нови содржини поставени како донација од страна на економски оператори.

„Поставени се нови детски реквизити од страна на економските оператори и угостителски објекти кои се наоѓаат на истата оваа локација. Овој парк со годините наназад беше заборавен и запоставен, извадени се старите и дотраени реквизити, поставени се од страна на угодтителските објекти нови реквизити. Инаку, детските реквизити и паркот е јавна површина која ја користат сите граѓани. Ова е во насока на тоа да се модернизира секое катче во нашиот град.“ – вели Јорданов.

Угостителскиот објект кој се наоѓа на оваа локација плаќа соодветен надоместок оти користи јавна површина за сопствени цели, дополнително на ова донираше и детски реквизити. Јорданов вели оти не станува збор за средства кои се донираат на општината, туку преку надоместокот се влеваат пари во општинската каса, а корист имаат и граѓаните кои ќе ги користат детските реквизити.

„Не станува збор за средства кои се донирани на општината туку се донирани реквизити кои се поставени од страна на угостителските објекти на оваа локација. Станува збор за модерни современи детски реквизити, поставена вештачка трева која ја користат најмладите наши дечиња. Според програмата за поставување на урбана опрема тие плаќаат соодветен надоместок кој се влева во општинската каса“ – додава Јорданов.

Инаку, старите и постоечки детски реквизити кои се наоѓаа во близина на паркот Макфест беа отстранети кон крајот на претходниот месец.

Лаура Стојанова М-Нет