
После Велигден, законот за заштита од пушење цигари треба да биде дел од владината процедура. Министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес конференција, истакна дека законот е речиси готов и се чека уште малку за да се договори до крај. Досега, како што објаснува, имале повеќе средби со институции, фирми и организации за да се усогласат сите. Во целиот процес бил вклучен и премиерот, што покажува дека темата е сериозна. Денеска има последен состанок за да се расчистат сите детали. Ако се оди според планот, законот ќе влезе во владина процедура уште оваа или следната недела.
,,Нашата стратегија како влада е сите закони, да ги работиме синхронизирано. Ние имавме неколку состаноци и на работно ниво и на политичко, на кое што лично премирот беше вклучен во целата процедура два или три пати. Така да ние цело време се синхронизираме и маме координација со сите владини и невладини институции и со бизнис заедницата. Веќе законот е при крај. Денеска имам состанок, последниот состанок со министерот за да може дополнително да се синхронизираме од правна гледна точка и ценам дека законот оваа недела или најбргу до наредната ќе биде дел од владините процедури.“, вели Алиу
Во Министерството за здравство велат дека главната цел на законот е да се намали бројот на пушачи, особено кај младите, како и да се заштити здравјето на граѓаните од штетните ефекти на пасивното пушење. Дополнително, се очекува мерките да придонесат за подигнување на јавната свест за ризиците од употреба на тутун и за усогласување со европските стандарди во оваа област. Според најавите, ќе се воведат и појасни правила за угостителските објекти.
Иван Митев, М-Нет