Последни подготовки пред официјално да започне новогодишната магија во Штип

Последни подготовки пред официјално да започне новогодишната магија во Штип. Денеска се поставуваа типските куќички на шеталиштето Ванчо Прќе, а викендов улицата ќе биде целосно украсена и подготвена за претстојните празници. Содржини за сите генерации, многу забава, музика, најразлични содржини се планирани наредниот период да го разубават градот и да ги исполнат очекувањата на граѓаните.

„За време на викендот се поставуваат сите елементи, типските куќи на самото шеталиште, многу светилки во централното градско подрачје. Она кое е планирано е во рамки на самото шеталиште да има и предновогодишна програма која ќе започне од понеделник со најразлична содржина.“ – вели Јорданов.

Дедо мразовци, аниматори, детски воз, многу детски престави се само дел од содржините кои до Нова Година ќе се реализираат на шеталиштето Ванчо Прќе. Јорданов посочи дека организацијата е на повисоко ниво и очекува многу посетеност и многу задоволни граѓани.

„Очекувам она посакувана предновогодишна среќа која ни е неопходна на сите нам да се предизвика преку предновогодишната програма и преку украсувањето на градот. Очекувам и организацијата да биде на едно повисоко ниво, со многу повеќе предновогодишни украси.“ – додава Јорданов.

Дополнително од 20 декември ќе има и божиќен базар кој за првпат се организира во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет