
Денес се комплетираше 18. коло во Првата македонска фудбалска лига со што се затвори есенската полусезона во фудбалската “елита” на Македонија.
Брегалница на гостувањето кај шампионот Струга во судиското надолнување остана без важен бод откако беше поразена со 2:1 со што есенската полусезона ја затвара со пораз, па “сините” во пролетниот дел ги очекува “пеколна” борба за опстанок.
Кампаоре обезбеди рано водство за стружани, а гостите од Штип преку Велкоски израмнија на 1:1 во 72. минута.
Таман кога штипјани мислеа дека ќе се вратат дома барем со бод од тешкото гостување, во судиското надополнување Кампаоре со втор гол ги постави конечните 2:1 со што трите бода останаа во Струга.
Тренерот на Брегалница, Горан Здравков заработи црвен картон поради приговор за поништениот гол на Брегалница.
Голеадата во Охрид каде на “Билјанини Извори” паднаа пет погодоци ја доби Воска Спорт, откако со 3:2 славеше над Работнички и ја напушти опасната зона на прволигашката табела.
Домашниот тим преку Јахији дојде до водство од 1:0 на полувреме. Во вториот дел Марушиќ погоди за 2:0. Работнички преку Гандо и Тодоровски дојде до 2:2 во 84. минута. Три минути подоцна Олатунбосун ги постави конечните 3:2 за голема победа на охриѓани во борбата за директен и сигурен опстанок.
Дербито меѓу Шкендија и Силекс заврши со триумф од 3:1 за домашниот тим, а до големата победа некогашниот шампион од Тетово стигна со играч помалку на теренот.
Аганспахич погоди за 1:0 и донесе рано водство, а десет минути подоцна односно во 18. минута Ѓорѓиевски од пенал израмни на 1:1.
Во вториот дел Анганспахич со нов гол обезбеди нова предност за Шкендија од 2:1, а во 69. минута Дита заработи црвен картон и беше исклучен од игра.
Во судиското надополнување Тотре ги постави конечните 3:1.
Храбра, важна и голема победа за Вардар од 2:0 над Тиквеш на домашен терен во борбата за опстанок во “елитата”. Глишиќ и Велковски беа творци на победата за Вардар.
Брера Струмица со пораз ја затвори есенската полусезона откако дома со минимални 0:1 беше поразена од Шкупи. Стелец на победничкиот гол за гостите беше Трапановски.
Колку за потсетување, вчера во воведниот меч Гостивар со 1:0 ја доби Македонија ЃП, за што објави телевизија М Нет.
АВТОР: Александар Ванев