Пониски цени на штипскиот пазар по Велигден, сезонските зеленчуци – поевтини

За дел од купувачите цените високи, друг дел со став дека овој петок пазарот е поевтин. Продавачите, пак, задоволни од раздвиженоста очекуваа уште повеќе побарувачка во текот на денот. Последниот пазар од месец април во Штип и во пресрет на 1 мај помина задоволително и за двете страни. Трговците и производителите велат цените речиси на сѐ се пониски, а за секој производ побарувачката е различна.

Граѓаните на градскиот пазар беа дојдени да ги купат пред сѐ основните производи, но веќе во голема мера се купуваше и зеленчукот чија сезона допрва почнува. Краставиците, доматот и пиперот сѐ уште се со релативно висока цена, но значително пониска од претходно. За разлика од предвелигденските пазари, за овој повеќето од анкетираните сметаат дека е доста поевтин.

Продавачите велат дека цените уште позначително ќе паднат следниот петок, по празниците. Сепак, граѓаните се согласни дека цените и трошоците растат, а да купува може само оној кој финансиски е добро ситуиран.

Ребека Спасова М-Нет