
Пожар на територија на општина Чешиново-Облешево се разгоре вчера доцна попладне. Утринава се прошири и на територија на општина Пробиштип. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, посочува дека кон пожарот се упатил еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, а за полетување се подготвуваат два полициски хеликоптери.
„И покрај напорите на пожарникарите, пожарот кој вчера (25 август), доцна попладне, започна на територијата на општина Чешиново-Облешево продолжи да гори низ висока сува трева, грмушки и деградирана шума, со зголемен интензитет. Утрово пожарот се движеше во атарите на селата Врбица, Рајчани, Буниш и Турско Рударе, а пред малку се прошири и на територијата на општина Пробиштип движејки се во насока на квалитетна шума“, вели Ангелов.
Тој посочува дека за да се спречи влегување на пожарот во шума, но и да се спречи загрозување на околните села, покрај пожарникарите од ТППЕ Кочани и Пробиштип, активирани се и воздухопловите на ДЗС и МВР.
Ребека Спасова М-Нет